Продолжувањето на натпреварите од Првата лига и завршеток со плеј-оф и плеј-аут, како што претходно одлучи Управниот одбор на ФФМ, сега е веќе неизвесно откако се појавија позитивни случаи на Ковид-19 во редовите на Шкендија и Ренова.

Согласно препораките на Центарот за јавно здравје, сите членови на ФК Ренова мора да бидат во 14-дневна изолација поради што клубот комплетно ги прекинува сите тренинг-активности. Позитивни се и двајца членови на Шкендија, што значи дека и актуелниот шампион ќе мора, сосема извесно, во изолација. Сето тоа веќе јасно ја става под знак прашалник одлуката за продолжување на шампионатот предвиден меѓу 17. и 21. јуни.
За сето тоа се сосема свесни и во Фудбалската федерација на Македонија од каде јасно наведуваат дека претходната одлука за продолжување на Првата лига не е безусловна.
„При носењето на одлуката за продолжување на натпреварите од Првата лига, ФФМ ги имаше в предвид размислувањата и предлозите на сите клубови од Прва МФЛ, но клучно при носењето на одлуката беше ставот на координативниот кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Корона вирус CoVid-19 и клубовите од Прва МФЛ чии претставници беа на состанокот во „Куќа на фудбалот“ и прифаќајќи го здравствениот фудбалски протокол недвосмилено дадоа „зелено светло“, тимовите да започнат со подготовка за враќање на натпреварите. Се разбира, постојано следејќи ја моменталната здравствена ситуација во државата, за ФФМ одлуката за продолжување на првенството во Прва МФЛ не значи дека е безусловна. Во зависност од протоколот на државата, мерките и упатствата од здравствените институции, многу веројатно е дека промени во однос на таа одлука се можни. Соочени со пандемијата и досега потврдивме дека една работа на сите нас ни е посебно јасна: Здравјето е на прво место“ – велат од Фудбалската федерација на Македонија.
Во зависност од препораките на надлежните институции, а согласно и последните случаи во Шкендија и во Ренова, до крајот на неделава се очекува ново разгледување на одлуката за продолжение на Првата македонска фудбалска лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

