КК Блокотехна: Чесно е Гостивар да биде во АБА2, ние тргнуваме од почеток со домашни сили

Блокотехна имаше успешна ланска сезона во која стигна до трофејот во БИБЛ, играше финале во Купот на Македонија и полуфинале во плејофот. Потоа клубот се распушти со најава за фузија со КК Кожув, а откако истата не се реализираше, раководството реши повторно да се активира, формирајќи нов колектив што ќе почне да се натпреварува во Втората лига. Откако се појавија најави дека Блокотехна како третопласиран тим од ланската сезона (2018/19) би можел да има предност при доделувањето на место во АБА2, одговорот од Гевгелија е дека тие места треба да бидат распределени чесно – врз основа на рангирањето од 2019/20.

„Дури и доколку добиеме директна покана за влез во АБА2, ќе се заблагодариме на истата и ќе ја насочиме кон другите македонски прволигаши. Можеби ќе се гледа ранкингот од последната комплетирана сезона, како што постојат одредени најави, но не смее да се заборави дека ние една година воопшто не се натпреварувавме. Има екипи кои ја играа целата ланска сезона и треба според ранкингот да се бираат патниците во регионалните натпреварувања. Чесно е по МЗТ на таа листа да се Гостивар, Работнички и останатите тимови“, порачуваат од раководството на Блокотехна.

Управата на тимот од Гевгелија добила покана и за учество во БИБЛ, но плановите за иднината се сосема поинаква.

„Веднаш штом го инициравме враќањето на кошаркарската сцена добивме покана од БИБЛ, но нашата визија за клубот овојпат е сосема поинаква од она што беше до пред две години. Целта ни е да развиваме клуб со кошаркари од Гевгелија и од регионот, да им овозможиме беспрекорни услови за работа и постепено да се развиваме. Нема по секоја цена да бркаме влез во елитното друштво, сакаме клубот да се развива постепено и да се базира на играчи од Гевгелија. Желба ни е и тренерот да биде од овој регион, а доколку не успееме да најдеме таков кандидат со кој би се договориле, ќе разгледуваме опции за други македонски стратези“, откриваат од КК Блокотехна.

Се вчитува...