Златан се врати во Италија, ќе може да игра следниот месец

Златан Ибрахимовиќ се врати назад во Италија, каде врз голгетерот на Милан беа извршени нови детални прегледи по повредата заработена на тренингот на „росонерите“ на 25 мај. Добра вест е што дефинитивно не станува збор за проблем со тетивата, а рехабилитацијата на повредениот мускул на ногата оди според планот. Сепак, повредата не е нималку наивна, па се очекува Ибракадабра да отсуствува од терените уште околу еден месец.

Весникот „Тутоспорт“ тврди дека лекарска препорака е пауза од триесетина дена, што би значело дека „росонерите“ нема да можат да сметаат на својот најдобар напаѓач на реваншот од Купот на Италија против Јувентус на 13 јуни, како и на четири средби од Калчо-лигата, против Лече, Рома, СПАЛ и Лацио. Доколку се биде во најдобар ред, Ибракадабра би се вратил на терените на големото дерби против Јувентус закажано за 7 јули, тврди „Тутоспорт“.

Ибрахимовиќ има договор со Милан до крајот на сезонава и речиси сигурно нема да ја продолжи верноста кон „росонерите“. Најсериозен интерес за неговите услуги покажаа калчолигашот Болоња и шведскиот прволигаш Хамарби, каде Ибракадабра стана косопственик купувајќи дел од акциите на клубот.

Се вчитува...