Роналдо е „машина“ – се врати побрз од пред паузата, на тренинг четири часа пред останатите

Кристијано Роналдо уште еднаш потврди дека и покрај сите освоени трофеи се уште е опседнат со максимална физичка подготвеност и мотивираност за нови успеси во кариерата. Португалецот има 35 години и освои се што можеше да се освои со Манчестер Јунајтед и со Реал Мадрид, а со неговите неверојатни работни навики сега се запознаваат и во Јувентус.

Во таборот на „старата дама“ останале шокирани откако Португалецот се вратил на тренинзи во Торино, постигнувајќи уште подобри резултати на тестирањата од оние што ги имаше пред паузата поради коронавирусот.

„Тој е побрз и посилен отколку пред паузата, што само по себе е неверојатно. Неиграњето и нетренирањето остава трага врз сите, но очигледно не и врз Кристијано“, пишуваат италијанските медиуми повикувајќи се на извори од стручниот штаб на Јувентус.

Впрочем, најдобар доказ за тоа е што тој вчерашниот ден го почнал доаѓајќи на тренинг, и тоа цели четири часа пред остатокот од тимот. Португалскиот ас објавуваше видеа од напорните тренинзи за време на паузата, со уште позасилено темпо продолжува и во пресрет на продолжението од сезоната. Целта е јасна – не само одбрана на титулата во Италија, туку и атак на трофејот во Лигата на шампионите.

Се вчитува...