Раул доаѓа во Бундес-лигата за да го спаси поранешниот клуб?

Долгогодишниот капитен на Реал Мадрид, Раул Гонзалес, е главен фаворит за нов тренер на Шалке, во обид тимот од Гелзенкирхен да најде излез од кризата во која падна по паузата поради коронавирусот. Шалке реди порази во последните неколку седмици, тренерот Давид Вагнер се наоѓа пред отказ, а според шпанските медиуми челниците на клубот веќе го контактирале Раул за враќање назад во Гелзенкирхен.

Поранешниот голгетер по заминувањето од Реал дојде токму во Шалке за да ја продолжи кариерата, постигнувајќи 28 гола на 66 бундеслигашки средби за оваа екипа. Истиот пат Шпанецот би можел да го изоди и како тренер, со оглед на фактот дека тој моментно е кормилар на младинскиот тим на Реал, но добива можност за прв ангажман во сениорски фудбал, и тоа во првата Бундес-лига.

„Шалке ги загуби четирите средби по враќањето на терен, а камбек на Раул дефинитивно е една од опциите“, објави тиражниот весник „Билд“, најавувајќи дека Шпанецот би можел да дојде во овој клуб веќе во текот на следната седмица, доколку Шалке го загуби и неделниот меч против Унион Берлин.

Се вчитува...