Баерн Минхен продолжи во победнички стил и на гостувањето кај Баер Леверкузен совладувајќи ги „фармацевтите“ со 2-4. Тимот на Ханси Флик наликува на триумфална машина и стигна до 70 освоени бодови на табелата, десет повеќе од Борусија Дортмунд која вечерва игра против Херта.
Баер Леверкузен прв се радуваше на дербито, откако Лукас Аларио постигна погодок во шестата минута. Но, Баерн Минхен одговори жестоко до крајот на првиот дел. Кингсли Коман израмни во 27.минута, а Леон Горецка и Серж Гнабри во финишот на првите 45 минути донесоа 1-3 за лидерот на табелата.

Роберт Левандовски во 66.минута зголеми на 1-4, а конечниот епилог го постави Флоријан Вирц во 89.минута од дуелот.
Лајпциг приреди уште едно непријатно изненадување ремизирајќи 1-1 против „фенерџијата“ Падерборн. Домаќинот поведе со голот на Патрик Шик во 27.минута, а Падеборн израмни во судиското продолжение од мечот со голот на Кристијан Штрохдиек. Лајпциг цело полувреме играше со фудбалер помалку поради исклучувањето на Дајот Упамекано.
Мајнц славеше со 0-2 на гости кај Ајнтрахт Франкфурт, а Фортуна Диселдорф и Хофенхајм ремизираа 2-2.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

