Никола Митревски мина сезона за паметење, во која бранеше одлично на голот на македонската репрезентација, но и на тимот на Работник, на кој му помогна да оствари големи победи (како онаа над Веспрем во СЕХА) и да почне да остава своја трага во регионалниот ракомет. По битолската фузија се очекуваше искусниот голман да биде предводник на овој проект, но Митревски изненади многумина со одлуката за нова странска авантура.
Предизвикот се вика Порто, актуелен првак на Португалија со кој македонскиот голман ќе има можност повторно да настапува во Лигата на Шампионите.
„Можеби многумина очекуваа да останам и да ја завршам кариерата во Битола, но јас сум човек што сака нови предизвици. Заинтересиран беше и Вардар, разговарав со претседателот Михајловски, но пресуди мојата желба да се вратам назад во Португалија и да заиграм во дресот на Порто“, вели Митревски во разговор за ЕКИПА.
Овој трансфер претставува негов камбек во португалскиот ракомет, со оглед на фактот дека тој претходно со успех настапуваше за Бенфика. Сепак, во меѓувреме квалитетот на ракометот во оваа европска држава се искачи на едно повисоко ниво.
„Веќе пет-шест години наназад младите репрезентации редовно учествуваат на светските и на европските шампионати и бележат добри резултати, тоа е најдобар доказ португалскиот ракомет се движи во вистински правец. Имаат добри играчи, одлични услови за работа, мислам дека се уште се развиваат и во иднина ќе бидат уште подобри. Ќе имаме можност да ги одмериме силите со најдобрите тимови во Европа, очекувам многу победи, но ќе видиме за каков пласман ќе ни биде тоа доволно во Лигата на Шампионите“, истакнува Митревски.
Улогата на прв голман во Порто му припаѓа на португалскиот репреззентативец Кинтана, но една од одликите на македонскиот чувар на мрежата е што никогаш не стравувал од конкуренцијата.
„Ракометот е тимски спорт и јас многу повеќе сакам да се радувам на колективните победи отколку да се сконцентрирам само на моите лични настапи. Очекувам да имаме бројни одлични натпревари со Кинтана и заедно да се радуваме на многу победи“, порачува Македонецот.
Македонија без борба остана без пласман на СП 2021 во Египет, но Митревски смета дека „црвено-жолтите“ заслужуваат да добијат вајлд-карта за уште едно учество на големите натпреварувања.
„Ние сме присутни на секое европско и светско првенство уште од 2012 година. Згора на тоа, по пласманот на последното ЕП сме следни на листата зад сите оние кои веќе добија билети за СП во Египет. Поради овие причини, верувам дека треба да добиеме валјд-карта и да учествуваме и на следниот ракометен Мундијал“, оптимистички е расположен на оваа тема Никола Митревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА