Европската куќа на фудбалот подготвува промени во европските клупски натпреварувања и за наредната сезона. УЕФА најпрво треба да одлучи како и каде ќе бидат завршени Лигата на шампионите и Лигата на Европа од актуелната сезона, но сосема е јасно дека се подготвува форматот и за новата натпреварувачка сезона.
Според последните информации актуелните сезони во ЛШ и ЛЕ ќе бидат завршени преку Топ 8 турнири во август. Лигата на шампионите во Лисабон, додека Лигата на Европа во Франкфурт.
Сето тоа сигурно ќе влијае и на почетокот на новата сезона и квалификациите за Лигата на шампионите и Лигата на Европа кои обично стартуваат во јули. Согласно најавите, УЕФА за новата сезона планира квалификациските кола од Лигата на шампионите и Лигата на Европа да се играат со по само еден натпревар (а не два, дома и на гости, како што вообичаено беше изминатите сезони). Единствено во последното квалификациско, плеј-оф коло, би се играле два натпревари, на домашен и на гостински терен.
Македонија, како што е познато, има четири места на европската клупска сцена, едно во квалификациите за ЛШ и три во квалификациите за ЛЕ. Но, ФФМ до крајот на овој месец се очекува да донесе дефинитивна одлука кои екипи ќе не претставуваат на европската сцена, согласно и извештајот од Комисијата за лиценцирање кој се уште се очекува.
Според информациите од УЕФА, новата сезона на европската клупска сцена треба да стартува на 18. август со 1. коло од квалификациите за ЛШ. На 25. август би било 2. коло, на 16. септември – 3. квалификациско коло и плеј-оф мечевите потоа би се играле на 23. и 30. септември. Статусот на домаќинство во квалификациските кола би се одредувал со ждрепка, а не е исклучена и опцијата носителот да биде домаќин.
Сите овие промени во форматот УЕФА се очекува да ги донесе на најавениот состанок на Извршниот комитет на 17. јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА