Еуробаскет: Димитријевиќ има потпишано со Валенсија

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ летово ќе си замине од Хувентуд и кариерата ќе ја продолжи во евролигашот Валенсија. Ова го тврди специјализираниот кошаркарски сајт „Еуробаскет“, според кој преговорите меѓу одличниот плејмејкер и раководството на Валенсија завршиле успешно, па нашиот интернционалец и по заминувањето од Хувентуд ќе остане дел од шпанскиот шампионат.

Валенсија покажа интерес за услугите на Димитријевиќ уште пред дваесетина дена, но тогаш се шпекулираше дека по постигнатиот договор Македонецот би можел да остане уште една година на позајмица во Хувентуд. Челниците на Валенсија во меѓувреме се премислиле, сега позајмицата не доаѓа во предвид, а на Димитријевиќ се смета како на сериозно засилување за настапите во Евролигата и во шпанската АЦБ-лига.

Проблем останува фактот дека нашиот интернационалец има уште една година од актуелниот договор со Хувентуд, a тимот од Бадалона ќе очекува значителна сума како отштета за кошаркарот во чиј развој инвестираше неколку години наназад. Штом клубовите постигнат договор на оваа тема, би се официјализирало и доаѓањето на Димитријевиќ во Валенсија.

Шпанската АЦБ-лига продолжува од утре со завршен турнир во Валенсија, а Димитријевиќ и Хувентуд во првото коло се среќаваат со Барселона.

Се вчитува...