Македонија ќе игра против Косово на 8 октомври, финалето за пласман на ЕП – на 12 ноември

Македонската фудбалска репрезентација историскиот плејоф натпревар против Косово во Лигата на нации ќе го игра на 8 октомври, а за еден месец подоцна е закажано финалето – на 12 ноември. Победникот ќе се пласира на Европското првенство кое ќе се одржи летото 2021 година.

Селекцијата на Игор Ангеловски ќе се врати на сцена во септември после десет месеци пауза и ќе ги одигра воведните два меча од второто издание од Лигата на нации. Потоа ќе следи она „главното“ за најдобрите македонски фудбалери, двата последни чекори за пласмнан на ЕП.

Македонија паралелно ќе игра групна фаза со Грузија, Ерменија и со Естонија, во октомври ќе биде домаќин на Косово како дел од плејофот од одложената прва сезона во Лигата на нации и ако помине понатаму, еден месец подоцна – на 12 ноември, во Грузија или во Белорусија ќе се бори за историски прв настап на Евро 2020.

УЕФА одреди наредното издание на Лигата на нации да се игра на 3/4/5 септември и на 6/7/8 септември, потоа на 10/11 октомври и на 13/14 октомври и на 17/18 ноември.

Се вчитува...