Сари: Велат Јуве се распаѓал, а ние – први на табелата

Јувентус забележа рутинска победа на гостувањето против Болоња, стигнувајќи до три бода со кој се намали и притисокот врз Маурицио Сари. Искусниот стручњак не ја пропушти можноста веднаш по победата да одговори на сите оние кои ја критикуваа „старата дама“ по бледите изданија во Купот на Италија.

„Притисокот врз Јувентус секогаш е претеран. Ако ги читате весниците ќе помислите дека Јуве се распаѓа, а потоа ќе ја погледнете табелата… и ние сме на првото место. Победата во Болоња беше наш приоритет и успеавме да стигнеме до неа, прикажувајќи одлична игра. Бевме на потребното ниво, над 70 минути одигравме во висок ритам и покажавме зошто сме актуелни шампиони и моментни лидери на табелата“, истакна Сари.

Тој имаше само пофални зборови за Бернардески, кој му асистираше на Дибала при вториот гол за „старата дама“.

„Видовме дека се наоѓа во добра форма на тренинзите и на претходните средби на кои влегуваше подоцна. Тој заслужи да биде стартер во Болоња и ја оправда довербата, презадоволен сум бидејќи станува збор за одличен играч, кој е премногу потценет од јавноста“, прокоментира тренерот на Јуве.

Се вчитува...