Манчестер Јунајтед продолжува со одлични игри по паузата, откако „црвените ѓаволи“ вечерва славеа на гостувањето против Брајтон со убедливи 0-3, правејќи уште еден значаен чекор напред во борбата за учество во Лигата на Шампионите следната сезона.
„Црвените ѓаволи“ уште од самиот почеток наметнаа темпо што домаќините не можеа да го следат, a ударот на Фернандеш што заврши во дирекот од голот на Брајтон беше само најава за она што следеше. Младиот Мејсон Гринвуд воодушеви постигнувајќи прекрасен погодок за водство од 0-1, а на 0-2 зголеми Фернандеш.
Португалскиот плејмејкер на самиот почеток од второто полувреме го постигна и својот втор гол, ставајќи печат на новата победа.
Јунајтед со вечерашниот триумф има 52 бода и се наоѓа на делба на петтото место со Вулверхемптон, со само три бода заостанување зад Лестер и два зад Челси, но овие два тима имаат и меч помалку во однос на „црвените ѓаволи“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА