Челси направи уште еден значаен чекор во трката за место во ЛШ откако тимот на Френк Лампард славеше на незгодното гостување против Кристал Палас со 2-3. Гостите поведоа од една контроверзна ситуација, Вилијан го претрча Кејхил, кој се повреди и падна на теренот, па Бразилецот непречен втрча во шеснаесетникот и го проигра Жиру, кој од пет метри го матираше Гуита. Пулишиќ ја потврди добрата форма со нов погодок, но Палас намали со евроголот на Заха.
Во второто полувреме „резервистот“ Абрахам стрелаше за ново водство на Челси од два гола, но Палас експресно намали преку Бентеке. И покрај обидите на домашниот тим за израмнување (во 95. минута го погодија дирекот од голот на Кепа), Челси успеа да ја сочува предноста и да стигне до заслужени три бода.
Ватфорд стигна до значајна победа во битката за опстанок, славејќи против отпишаниот Норвич со 2-1. Човек на одлука беше Дени Велбек, поранешниот ас на Јунајтед и на Арсенал со прекрасен гол со „ножички“ му ја донесе победата на домашниот тим, негов прв премиерлигашки погодок по пауза од 682 дена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА