Игор Стефановски – Иџе нема да биде во можност да ја стартува сезоната во ТЦР-шампионатот откако не му беше дозволен влез во Италија за да учествува на првата трка на патеката Муџело. Македонецот се вбројува меѓу фаворитите за висок пласман, најавуваше дека е максимално подготвен за новиот предизвик што го носи 2020 година, но кризата со коронавирусот придонесе дел од земјите повторно да ги затворат границите за жителите на држави кои не се дел од ЕУ, што значеше „црвено светло“ за Ице и неговиот тим.
„Направивме сè што можеме. Се боревме до последен момент и се надевавме дека може да учествуваме на патеката Муџело, но сепак нема да учествувам на трката. Ја контактиравме и амбасадата на Италија, баравме алтернативи до последен момент, но за жал безуспешно. Верувам дека во следниот период годинава, јас со со мојот автомобил и мојот тим ќе бидеме од другите меѓународни тркачки предизвици. Целата енергија ќе ја фокусираме на ТЦР шампионатите низ Европа, па силно сум убеден дека ќе бидеме дел од трките“, порачува Стефановски.
Трките на патеката Муџело се закажани за 18 и 19 јули, а останува да се види дали македонскиот автомобилист ќе успее да најде начин да биде дел од наредните натпреварувања од ТЦР шампионатот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА