Антонио Конте е темпераментен стратег кој лесно ги губи нервите и трпението доколку фудбалерите не ги следат неговите совети, а Кристијан Ериксен би можел да ја плати цената и експресно да биде продаден од Интер. Данецот пристигна како големо засилување од Тотенхем, но досега воопшто не импресионираше со игрите во дресот на „нероаѕурите“. Конте вчера јавно го критикуваше порачувајќи му дека „во Италија е многу потешко да се успее отколку во Премиер-лигата“, а според последните информации трофејниот стручњак дал зелено светло за Ериксен веќе летово да биде продаден.
Неговите организаторски способности се докажани, но Ериксен го разочарал Конте со незалагањето во фазата на одбраната. Тренерот на Интер важи за стратег кој очекува многу трчање во дефанзива од сите играчи, вклучувајќи ги и напаѓачите (неслучајно инсистираше на Лукаку минатото лето), а Данецот воопшто не се вклопува во ваквите тактички замисли. Токму тоа е причината поради која Конте не го играше често Ериксен пред коронавирусот, но сите се надеваа дека Данецот по паузата ќе се адаптира во средината и ќе добие позначајна улога во тимот. Сепак, тој продолжи со своите стари навики, а Конте експресно му ставил до знаење дека со таков став на теренот, повеќе време ќе мине греејќи ја клупата.
Италијанските медиуми јавуваат дека екс-фудбалерот на Тотенхем ќе биде ставен на трансфер-листа, а позната е и цената што Интер ќе ја бара – 60 милиони евра. Ако се знае дека „нероаѕурите“ платија само 20 милиони евра, ваквиот трансфер би донел значајна добивка на финансиски план, а парите би биле потрошени за ангажман на Тонали од Бреша и на Видал од Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА