Манчестер Сити ја доби битката на ЦАС за настап во Лигата на шампионите и следната сезона, а тоа е знак за менаџерот Пеп Гвардиола да го засили тимот. Шпанскиот стратег посакува две квалитетни засилувања за нападот и за одбраната и погледите му се насочени кон Италија.
Гвардиола посакува да го добие Лаутаро Мартинез, напаѓачот на Интер, како наследник на Серхио Агуеро, кој најави дека ќе си замине од „Итихад“ следното лето. За него е заинтересирана и Барселона, но каталонскиот гигант не се одлучи да ја активира отштетната клаузула вредна 111 милиони евра. Сега во играта влегува Манчестер Сити, а не е тајна дека Интер би се сложил да го продаде Аргентинецот и за 90 милиони евра.

Втората желба на Пеп Гвардиола е насочена кон засилување на дефанзивниот ред. Сенегалецот Калиду Кулибали од Наполи е прв „пик“ и за него Манчестер Сити е подготвен да плати 75 милиони евра. Одличниот стопер исто така е желба на голем број европски клубови, но во овој период на глобална економска криза никој не се решава и конкретно да издвои толку многу пари за негов ангажман. Гвардиола доби ветување од раководството на Манчестер Сити дека ќе добие околу 160 милиони евра за две капитални засилувања.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

