Професорот за трофеи – Зинедин Зидан: За четири години – 11 пехари со Реал Мадрид

Никогаш немал посебна желба да стане тренер. Зинедин Зидан во едно интервју откри дека додека беше фудбалер, не ни помислувал дека еден ден ќе стои покрај теренот и ќе ги советува играчите од клупата. Дури и напомена дека мразел да седне на тренерското столче.

Но, во животот на успешните многу работи се случуваат спонтано, а тој што го има фудбалот во малиот прст – секако знае како да освојува трофеи. Зидан беше виртуоз со топката на теренот, освои многу трофеи со Јувентус и со Реал Мадрид како фудбалер, па продолжи на неверојатен начин и како тренер. За само четири сезони во тренерскиот занает, освои дури 11 пехари.

Само како за споредба, сите врвни тренерски имиња во европскиот фудбал имаат помалку од него, откако Зидан во 2016 година седна на клупата на „Сантијаго Бернабеу“. Пеп Гвардиола има десет пехари, Масимилијано Алегри – осум, Унаи Емери – осум, Томас Тухел – пет, Јирген Клоп – четири, Нико Ковач – четири, Жозе Мурињо и Карло Анчелоти – по три.

„Заслугите за шампионската титула одат кон фудбалерите. Одиграа фантастична сезона во дресот на Реал Мадрид, имавме подеми и падови, се радувавме и патевме, но на теренот покажавме најмногу од сите екипи во Ла Лига. И горд сум на секој гол и секој добар потег. Единствено ми е жал што не можевме да играме на „Сантијаго Бернабеу“ и да ја прославиме 34. шампионска титула на Реал Мадрид заедно со навивачите“, изјави Зинедин Зидан.

По триумфот над Вилјареал, што беше десетта последовна победа за „кралевите“ откако продолжи сезоната, Зинедин Зидан се најде на рацете на фудбалерите. Почитта што тие ја имаат кон шефот на стручниот штаб е посебна. Затоа што кога Зизу на тренинг ќе ја земе топката за да им покаже – и понатаму е најдобриот.

 

 

 

Се вчитува...