Европскиот и македонски ракометен првак Вардар со нов лик, десетина нови имиња, ги стартуваше летните подготовки за новата сезона во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата. Со ново раководство, реновиран тим, но со стариот тренер Стевче Алушовски ќе се обиде да направи нов подвиг на европската сцена и да го потврди шампионското реноме во регионот.
Тренерот Стевче Алушовски е среќен што по четири месеци пауза, поради коронавирусот и предвремено прекинатата сезона, РК Вардар конечно почнува со работа и стартува со летни подготовки.
„Среќен сум што после четири месеци пауза конечно тимот стартува со работа. Ги почнуваме летните подготовки, ќе ги почитуваме протоколите за работа, засега можеме да тренираме на отворено и во сала за кревање товар, се надеваме дека од понеделник ќе добиеме и дозвола за тренинзи во сала. Вардар е се уште актуелен европски првак, имаме големи амбиции, направивме конкурентен тим кој нема никого да прецени и ќе се обиде да победи на секој меч. Со напорна работа мислам дека ќе бидеме на добар пат да ги оствариме целите и да бидеме конкурентни и со најсилните во Европа“, изјави Стевче Алушовски на стартот на подготовките.
РК Вардар ги доведе Филип Талески, Гоце Георгиевски, Томислав Јагуриновски, Робин Кантегрел, Анте Гаџа, Ловро Јотиќ, Јосип Векиќ, Марко Вујин и Патрик Валчак. На првата прозивка и тренингот кој се одржа на отворено, на фудбалското игралиште до хотел Русија во Аеродром, присуствуваа сите освен Иван Чупиќ кој поради приватни обврски на тимот ќе му се приклучи во вторник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА