Стојан Ѓуроски повторно ќе настапува во втората шпанска лига откако денеска потпиша договор со екипата на Аликанте. Станува збор за клуб што минатата сезона ја заврши како четвртопласиран во втората лига, годинава е со амбиции за влез во елитното друштво, за што еден од главните адути ќе биде токму македонскиот репрезентативец.
За Ѓуроски ова е враќање во Шпанија, каде пред две сезони настапуваше за екипите на Хуеска и на Мелилја. Особено добри игри прикажуваше во дресот на Мелилја, каде шутираше тројки со просек од 42% и ја заврши авантурата во овој куб со 14,4 поени и 3,5 скокови по натпревар. Минатата сезона тој беше дел од втората француска лига, каде го носеше дресот на Евре.
„Се одлучив за Аликанте поради сериозноста на клубот, понудата и шансата да се вратам во Шпанија. Екипата ќе атакува на првото место и ќе имаме големи шанси да влеземе во АЦБ-лигата. Моја желба беше летово да се вратам во Шпанија, среќен сум што тоа ми се исполни“, истакна Ѓуроски за ЕКИПА.
Задоволен од ангажманот на Македонецот е и стратегот на Аликанте, Педро Риверо.
„Ѓуроски е крилен центар што има одличен шут, трча по теренот и има одлична техника со топката. Убедени сме дека перфектно ќе се адаптира на нашиот стил на брза кошарка. Згора на тоа, станува збор за играч што секогаш го дава максимумот за војот тим“, изјави Педро Риверо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА