Македонскиот ракометен прволигаш Металург вечерва го одржа првиот состанок пред новата сезона. Тренерот Зоран Кастратовиќ засега го има на располагање само македонскиот дел од тимот, додека остатокот од екипата ќе пристигне во текот на викендот, па од понеделник Металург ќе биде комплетен, објави клубот на официјалниот сајт.
Според протоколот за тренирање во сала, што го подготви РФМ, во оваа фаза од подготовките Металург ќе ја користи само салата, но не и соблекувалните. Во салата играчите ќе доаѓаат подготвени за тренинг, а по тренингот секој веднаш ќе си замине дома. Во салата ќе биде забранет пристап за надворешни лица.
Со тренинзи Металург ќе почне утре, а ќе се тренира во две помали групи од по 5,6 ракометари. Тимот ќе тренира во Скопје се до 30 јули, а потоа ќе замине за Маврово каде што до 11 август ќе се посвети внимание на техничко-тактичка подготовка на екипата, по што ќе следува настап на турнирот во Струга.
На 28 јули Металург ќе го дознае противникот во 1. коло од квалификациите за Лига Европа. Сезоната во Суперлигата треба да почне на 12-13 септември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА