Виктор Осимхен вечерва би требало и официјално да стане нов член на Наполи откако газдите на Елиф Елмас конечно ги договорија сите детали од мегатрансферот на овој одличен напаѓач.
Неговиот сегашен клуб Лил конечно прифати 60 милиони евра за нигерискиот офанзивец (плус евентуални 20 милиони преку неколку клаузули), а самиот фудбалер веќе ги имаше договорено личните услови за петгодишна соработка со „наполитанците“. Неговите нови агенти го одолговлекоа трансферот во изминатите десетина дена очекувајќи побогата понуда од Премиер-лигата, но откако ниту еден англиски клуб не загриза за Осимхен, тој вечерва ќе стави потпис на договорот со Наполи и ќе стави крај на сите дилеми околу својата иднина.
Италијанските медиуми објавија дека за Нигериецот е „резервирана“ и „деветката“ во клубот. Тој ќе го заземе местото во тимот на Аркадиуш Милик, откако Полјакот одби да потпише нов договор (актуелниот му истекува во 2021 година) и летово сигурно ќе биде продаден од претседателот Де Лаурентис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА