Македонските клубови во европските купови се соочуваат со дополнителни главоболки откако УЕФА ги објави анти-ковид мерките кои ќе треба да се исполнат од страна на екипите во претстојните европски квалификации. Извршниот комитет на УЕФА на денешниот состанок донесе бројни одлуки поврзани со овие натпревари од квалификациите за ЛШ и за ЛЕ, предвидувајќи најразлични ситуации што може да се случат, а при кои непочитување на правилата ќе значат и службен пораз на екипите.
Сите клубови се должни уште пред ждрепката да ја известат УЕФА за рестриктивните мерки за своите земји кон граѓани на други држави. Меѓутоа, доколку државата во меѓувреме по ждрепката воведе дополнителна забрана за доаѓање на граѓани на друга земја (од каде би дошол гостинот), домаќинот автоматски би се соочил со огромен проблем, па се заканува дури и губење на мечот со службени 0-3.
Како што беше најавено, во првите квалификациски рунди ќе се игра само по еден натпревар, а со ждреб ќе биде одреден неговиот домаќин. Доколку постојат рестрикции меѓу двете земји, дуелот ќе се игра на неутрален терен, а целата обврска за организација паѓа врз домашниот клуб. УЕФА воедно дава можност клубовите веднаш по ждрепката да се договорат мечот да го играат на неутрален терен. Интересно, доколку европската куќа на фудбалот утврди дека двата клуба се виновни што мечот не може да се одигра, двата ќе бидат дисквалификувани од натамошниот дел од европските купови.
Предвидени се и различни варијанти при позитивен случај на Covid-19 при тестирањето. Доколку дојде до такво нешто, предвидено е мечот сепак да се одигра, освен дооклку од страна на властите во државата на одигрување не биде побарано целиот тим да замине во карантин. УЕФА би можела да го одложи мечот за друг датум доколку клубот остане без голмани поради позитивни случаи на коронавирус, а доколку екипите немаат доволен број на играчи, а мечот мора да се игра, тогаш ќе го загубат натпреварот со службени 0-3.
Силекс ќе ја претставува Македонија во квалификациите за ЛШ, додека дел од квалификациите за Лигата на Европа ќе бидат Шкендија, Ренова и Шкупи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА