Не минаа ниту 24 часа од елиминацијата на Јувентус од Лигата на Шампионите, а Маурицио Сари повеќе не е тренер на „старата дама“. Управата на Јуве реши да ја прекине соработката со стратегот донесен минатото лето од Челси, откако Сари воопшто не ги оправда очекувањата на најтрофејниот италијански клуб.
Скудетото е одбрането, но со најмал број на освоени бодови во последните девет години, но претрпен беше пораз во финалето од Купот на Италија од Наполи, пораз од Лацио во Супер-купот на Италија, за „чашата од незадоволство“ да биде прелиена со вчерашната елиминација од Лион. Јуве славеше со 2-1 на реваншот, но играта беше фрустрирачка, никој освен Роналдо не беше на посакуваното ниво, па се погласни се и шпекулациите дека Португалецот разочаран од играта на својот тим сега размислува да си замине од Јуве летово.
Ањели е решен да го спречи тоа, па затоа експресно реши да ја прекине соработката со Сари. Денеска на пладне имаше состанок меѓу Ањели и директорите Паратичи и Недвед, кои едногласно решија дека Маурицио Сари не треба да го води Јувентус во наредната сезона. Потрагата по нов тренер почнува од денеска, а апсолутен фаворит е Маурицио Покетино, кој преговараше со Ањели и минатото лето, но тогаш реши да остане во Тотенхем. Аргентинецот сега е слободен по заминувањето од Тотенхем и може без проблем да го прифати големиот предизвик – преселба на кормилото на „црно-белите“ од Торино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

