Парадоксот Кутињо: Ако Баерн стане шампион, Барса ќе плати пет милиони евра

Филип Кутињо додаде сол на раните на Барселона, откако Бразилецот по влегувањето во игра даде два гола и една асистенција, за тотален дебакл на каталонскиот гигант. Кутињо настапува за Баерн на позајмица од Барселона, но уште поневеројатно делува податокот дека Барса ќе треба да плати пет милиони евра доколку Бразилецот стане европски првак како дел од баварскиот гигант.

Станува збор за клаузула од преговорите меѓу Барселона и Ливерпул кога Кутињо се пресели на „Камп Ноу“, според која „црвените“ ќе треба да инкасираат пет милиони евра ако Кутињо го крене шампионскиот пехар во ЛШ. Во огромен дел од случаите овие клаузули се поврзани со клубот (Барса да триумфира во ЛШ со Кутињо во тимот), но Ливерпул успеал да издејствува во овој конкретен случај клаузулата да е поврзана со фудбалерот, па каталонците би платиле пет милиони евра и доколку Кутињо стане европски првак за друг тим, на кој е позајмен од редовите на Барселона.

Филипе Кутињо воопшто не се снајде во Барса, но каталонскиот гигант има огромни проблеми да најде купец и да се ослободи од обврските кон овој фудбалер. Позајмицата во Баерн не се покажа како преголем успех, баварците веќе објавија дека немаат намера да го откупат целосно неговиот договор, па сега се шпекулира дека Арсенал е главен фаворит за потпис на Кутињо, но со нова позајмица, а не со откупување на неговиот договор со Барса.

Се вчитува...