Зошто Конте е бесен на Интер: Се почна со писмото со куршуми…

Антонио Конте ги брои последните денови како тренер на Интер, откако стана јасно дека трофејниот стручњак ќе остане само една година на клупата на „нероаѕурите“. Фактот дека е убедливо најплатен тренер во Италија нема големо значење за принципиелниот стратег, кој ја почна војната со управата непосредно по завршувањето на сезоната во Калчо-лигата, обвинувајќи ги за недоволна поддршка, за по синоќешниот пораз од Севилја меѓу редови да го најави своето заминување од „Џузепе Меаца“.

Според италијанските медиуми, незадоволството на тренерот тлее со месеци, поточно тој непосредно по доаѓањето на клупата на Интер се разочарал од највисокото раководство на клубот. Станува збор за случајот кога во клупските простории на Интер пристигна писмо адресирано на Антонио Конте, а во него се наоѓаа куршуми. Полицијата покрена истрага што не вроди со плод, но Конте беше разочаран од клупската управа на чело со претседателот Жанг, што воопшто не се појави во јавноста за да го осуди инцидентот.

Згора на тоа, Конте цела година водеше војна со Пјеро Аузилио, директорот кој заедно со Бепе Марота беше задолжен за трансферите во клубот. Додека во Јувентус ја имаше поддршката на Марота, овојпат тренерот остана разочаран бидејќи директорите не му ги исполнија желбите (Видал и Џеко), наместо тоа носејќи фудбалери по свој вкус (Ериксен и Алексис Санчез).

Антонио Конте во навидум далеку понормални услови реши да си замине од Јувентус во време кога доминираше на италијанската фудбалска сцена, па трофејниот стратег сега без многу размислување ќе го стори истото и со Интер. За очекување е следниот состанок меѓу Конте и Жанг да биде и последен на овој тренер на клупата на „нероаѕурите“, а на него да бидат договорени и условите за прекин на соработката, со оглед на фактто дека постоечкиот договор истекува дури во јуни 2022 година.

Се вчитува...