Мбапе: Доста беа разочарувања, време е да го кренеме пехарот

Килијан Мбапе со нетрпение го очекува стартот на утрешното финале од Лигата на Шампионите, на кое францускиот голгетер ќе има можност да ја обедини светската репрезентативна круна со европскиот клупски фудбалски трон. Задачата е тешка, „светците“ пред себе ќе го имаат Баерн Минхен со Мануел Нојер на голот, но Мбапе е оптимист дека ПСЖ ќе биде тимот што ќе се радува на крајот.

„Откако дојдов во овој клуб во 2017 година имавме неколку разочарувања во Лигата на Шампионите. Сега сме во финалето, тоа е доказ дека ние сме тим што никогаш не се предава, верувам дека е дојдено времето да го кренеме пехарот. Баерн е одличен тим, но ние сме победувале вакви ривали во минатото. Јасно е, за да се биде најдобар мора да се победат останатите тимови од елитата“, истакна Мбапе на денешната прес-конференција.

Воедно, францускиот напаѓач испрати комплименти на адреса на тренерот Томас Тухел, кој често беше критикуван во текот на сезонава.

„Тренерот ја има довербата на сите фудбалери. Слушнав најразлични гласини, дека не знаел да ја контролира соблекувалната, да се однесува со „ѕвездите“ во тимот, но вистината е дека Тухел одлично си ја врши работата. Ова е најдобар резултат во клупската историја, играме одличен фудбал и голем дел од заслугите одат кај него“, порача Килијан Мбапе.

Се вчитува...