Поранешниот „бомбардер“ на Металург, Халил Јагањац, сега ќе биде едно од главните оружја на Нексе во утрешниот реванш дуел од четвртфиналето во СЕХА-лигата против Вардар. Хрватскиот вицепрвак се надева на изненадување во Скопје, но Јагањац покажува огромен респект кон Вардар, клуб со кој имаше бројни дуели додека го носеше дресот на „металурзите“.
„Вардар се уште е првак на Европа и мое мислење е дека во светот на ракометот нема многу поквалитетни тимови од скопскиот клуб. Вардар неслучајно е дел од ракометната елита со години наназад, самите ракометари поседуваат победнички менталитет, што ги прави опасен ривал за секоја екипа. Наше е да бидеме одлучни, да дадеме се од себе и да се обидеме да стигнеме до победата што толку многу ја посакуваме. Најважно ќе биде да ја наметнеме нашата игра, да го диктираме нашето темпо, а не да влеземе во ритамот на противникот. Во корист ни е и фактот дека мечот ќе се игра без присуство на навивачи“, истакна Јагањац во пресрет на утрешниот реванш.
Реваншот меѓу Вардар и Нексе се игра утревечер со почеток во 20.15 часот, а „црвено-црните“ имаат предност од еден гол по минималната победа што ја забележаа на првиот меч во Нашице.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА