Ракометарите на Вардар вечерва (20.15 часот) ќе го пречекаат Нексе во реваншот од четвртфиналето во СЕХА-лигата, во обид „црвено-црните“ да станат учесници и на деветтиот фајналфор-турнир од регионалното натпреварување. „Црвено-црните“ никогаш досега не останале без место на Ф4 во СЕХА, а вечерва се фаворити за да ја продолжат таа серија, уште повеќе ако се знае дека имаат и минимална предност од 31-30 од првиот натпревар одигран во Нашице.
„Вардарци“ се со значително променет состав во однос на тој прв меч во Хрватска, дел од играчите си заминаа, а тренерот Алушовски сега на располагање ги има Талески, Георгиевски и Јагуриновски како нови домашни играчи, а доведени беа и неколку странски засилувања: Робен Кантрагрел (Франција), Марко Вујин (Србија), Патрик Валчак (Полска), Анте Гаџа, Јосип Векиќ и Лово Јотиќ (Хрватска).
Единствено капитенот Стојанче Стоилов ќе го пропушти натпреварот во Скопје поради вирусот „Ковид-19″ и тој веќе ги брои деновите во домашна изолација пред повторно да се врати на тренинзите.
„Ова ќе биде многу поразличен натпреварот. Од тој состав што играше во март во Нашице, сега ни недостасуваат неколку важни играчи, а имаме осум нови играчи, Капитенот Стоилов нема да игра поради вирус. Ние ја подигнавме формата во однос на она од Струга и на пријателските дуели со Еурофарм Пелистер и Металург. Имаме предност од 1 гол и тој би требало да ни биде доволен за да се пласираме на Ф4. Спортот се игра за публиката и поразлично е сега. Полошо се чувствуваме кога сме пред празни трибини. Она што го видовме, Нексе е истата екипа од лани. Имаат тројца нови играчи, но костурот е ист, и системот на игра е ист”, изјави тренерот Алушовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА