Дембо Дарбо во финишот го нокаутира Пелистер

Шкупи беше надмоќен на Чаир против Пелистер, но, сепак, долго се мачеше за да стигне до посакуваниот триумф. На крајот, цврстата и еластична одбрана на гостите од Битола ја урна првиот стрелец Дембо Дарбо во 88.минута од мечот за победа од 1-0. Тој најдобро беше позициониран во шеснесетникот по корнерот од десната страна и од непосредна близина со удар со глава ја затресе мрежата на Давор Талески.

Шкупи имаше многу шанси за водство и во првиот дел. Капитенот Бесаир Исени и Дембо Дарбо ја погодија рамката од голот на Пелистер, а во 42.минута Исени не успеа да реализира пенал.

Во вториот дел продолжија нападите кон голот на битолчани. Дембо Дарбо, Исени, Глишиќ, шутираа кон голот на Талески, најчесто не беа прецизни, а и голманот на Пелистер имаше добри реакции. Сепак, за Шкупи најважно е дека успеа да слави и да освои три бода со кои е на врвот на табелата со 10 бода на контото по четири одиграни кола.

Вчера, Работнички и Вардар ремизираа 1-1, Македонија ЃП ја совлада Беласица со 2-1, а Академија Пандев стигна до минимален триумф (1-0) против Струга Трим Лум.

Колото утре ќе се комплетира со мечевите Шкендија – Борец и Силекс – Ренова.

Се вчитува...