Шкупи пишува одличен старт на новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, триумфирајќи и во 4. коло на домашен терен против Пелистер со 1-0.
Тренерот на тимот, Муарем Бајрами, сосема очекувано е презадоволен од победата и покрај тоа што пристигна во самиот финиш со голот на Дембо Дарбо во 88. минута.
„Презадоволен сум од победата и освоените три бода. Како и да е, тоа беше меч кој ме натера да се чувствувам горд на овие фудбалери, бидејќи од натпревар на натпревар играат се подобро. По се што ни се случи во Баку против Нефчи, победата со Пелистер беше добредојдена. Мислам дека заслуживме да победиме со уште повеќе голови разлика, имавме доминација во текот на целиот натпревар, посебно во првото полувреме кога требаше да постигнеме гол. Имавме големи шанси, нереализиран пенал, но можам да кажам дека оваа победа беше прилично слатка. По четири кола имаме 10 од 12 можни бода, но секако воопшто не се залетуваме дека од сега атакуваме на титулата. Факт е дека Шкупи има квалитети за големи нешта, но рано е, рано е да се зборува за конечниот пласман и за нашите амбиции. Одиме од натпревар на натпревар“ – вели Бајрами.
Шкупи по четири кола, во очекување на денешните дуели на Шкендија и на Силекс, е на првата позиција на табелата со 10 бода. Следниот натпревар за чаирчани е на 13. септември на гостински терен против Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА