Нервозната игра меѓу Лео Меси и Барселона е во тек. Паралелно се одвиваат и преговорите на аргентинската ѕвезда со клубот кој се чини единствен во моментов е во можност и е подготвен да ги пресретне неговите финансиски побарувања. Премиерлигашкиот тим не е погоден од финансиската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот поради тоа што има стабилно финансирање од Обединетите Арапски Емирати па затоа веќе е направена финансиската конструкција за договорот со Меси.
Првиот услов за трансферот е сепак тој да премине како слободен играч, што во моментов се чини тешко остварливо. Сепак ако Меси успее да го избоксува ова, во Сити ќе добива по 100 милиони евра од сезона, а би потпишал договор на пет години до јуни 2025. Сепак Аргентинецот не би ги минал сите пет сезони во Сити. Во Англија би останал три сезони, а потоа би одел две сезони во испоставата на Сити во САД, Њујорк Сити.
Вкупната сума која Сити би му ја исплатил на Меси би биле 500 милиони евра од кои околу половина би биле за играчот. Но, на крајот целата операција би чинела околу 750 милиони евра. Дополнителните 250 милиони евра би биле трансфер бонус кој би го добил при преминот во МЛС лигата. Оваа сума Сити не може да му ја исплати на Меси во моментот на доаѓање во Англија затоа што тоа би било прекршување на Финансискиот фер-плеј.
Сепак, овој договор иако многу детално разработен е на чекање затоа што Меси е во војна со Барселона околу потенцијалното раскинување на договорот, а Манчестер сити воопшто и официјално не се обратил во каталонскиот клуб околу можноста за трансфер на најголемата ѕвезда на „каталонците“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА