Иван Чупиќ, ѕвездата која беше клучен фактор во двете европски титули, еден од малкуте кои и натаму останаа во Вардар, тешко губи надеж. Тој смета дека Вардар како и останатите четири екипи учеснички на Ф4 турнирот во СЕХА лигата има шанси од 25 проценти. Се надева дека со подобар напад во однос на дуелот со Нексе, Вардар ќе биде финалист на турнирот на четирите најдобри екипи кој од 6. до 8. септември ќе се одржува во Задар.
„Ф4 секогаш е тежок, медиумите секогаш прават калкулации кој е фаворити и кој би можел да го добие финалето, но јас сметам дека сите имаме по 25 проценти шанси. Сите четири екипи се знаеме многу добро, и во предности и во мааните. Полуфиналето е секогаш тешко. По короната тешко се игра, тешко се влегува во форма. Затоа мислам дека нема да има убав ракомет, ама сигурно ќе биде интересно и напнато, двете финалиња ќе ги решава еден потег, еден шут, една голманска одбрана како што е секогаш на големи натпреварувања како фајнал-фор“ – вели Чупиќ.
Поранешниот хрватски репрезентативец добро го познава Загреб, полуфиналниот противник на Вардар во Задар. Вели ги знаеме и нивните слабости и добрите страни. Очекува добар ден за играчите кои се клучни во нападот.
„Верувам во нашата екипа, имаме подобрување, добро ја изработивме оваа недела, добро се подготвивме за нивната 6-0 и 5-1 зона. Загреб е млада екипа со нови играчи, но секако квалитетна екипа која како и ние сака да игра финале. Знаеме која е нивната сила и која е нашата слабост, нападот 6-6. Можеме да играме одбрана, да го задржиме противникот на 24-25 гола, но многу се мачиме да стигнеме до 29-30 гола. Простор за напредок во нападот има многу и ке го покажеме тоа во петок, но мислам дека со добар ден на нашите играчи во нападот мислам дека ќе имаме добри шанси и дека ќе одиме во финале“ – смета Хрватот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА