Актуелниот европски и регионален шампион Вардар покажа зошто е еден од најдобрите тимови во светот во последните неколку години. И покрај очајната игра во скоро педесет минути од натпреварот и негативата од шест гола, на крајот повторно го покажа шампионскиот менталитет и стигна до ново финале во СЕХА совладувајќи го по изведување седмерци хрватскиот ППД Загреб со 30-29.
Во првото полувреме Хрватите го диктираа мечот и на полувреме заминаа со позитива од плус три 13-16. На стартот од второто полувреме продолжи очајната игра на „црвено-црните“ кои на противникот во 49. минута му дозволија да стигне и до највисоките плус шест (17-23). Шампионскиот менталитет на „црвено-црните“ повторно дојде на виделина. Борко Ристовски ја „спушти ролетната“ и со серија од 6-1 на четири минути до крајот успеаја да стигнат само до минус еден (23-24). На минута ипол до крајот Загреб со голот на Хрстиќ отиде на плус два (24-26). Чупиќ намали на 25-26, а Ловро Јотиќ со звукот на сирената ги постави конечните 26-26 и го одведе мечот во завршниот чин, седмерците.
На пеналите Ристовски беше херој за црвено-црните кој успеа да ги сопре ударите на Матановиќ и Вистороп што беше доволно за триумф и ново финале на Вардарци во регионалното натпреварување.
Дисингер и Дибиров со по пет гола беа први стрелци во таборот на Вардар, додека одличниот Борко Ристовски на голот забележа девет интервенции од кои шест во финишот на натпреварот и два седмерци. Кај Загреб Мандиќ постигна седум гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА