Алушовски: Овие момци се родени победници

Вардар драматично се пласираше во финалето на СЕХА лигата победувајќи го на пенали Загреб во полуфиналната пресметка. Речиси цел дуел, хрватскиот состав беше во предност, пресудија завршните десет минути во кои Вардар се избори за нерешен исход, а потоа Борко Ристовски донесе триумф со две одбрани при изведувањето седмерци.

„Добро ја отворивме средбата додека имавме свежина во нападот, додека Дисингер беше во полна сила, но наместо да одиме на поголема разлика, ние грешевме и екипата се блокираше. Загреб навистина беше подобар противник во 57 минути. Меѓутоа овие момци се родени победници. Во последните 10 минути конечно одигравме подобро во одбраната, Борко Ристовски фати неколку топки кои беа клучни. Знам дека е тешко да се загуби ваков натпревар, но на ракометарите на Загреб можам да им честитам на храбриот пристап и на одличната игра“ – вели по натпреварот тренерот на Вардар, Стевче Алушовски.

Дека Загреб беше подобар речиси во целиот натпревар признава и Тимур Дибиров.

„Загреб навистина играше подобро, беше пресудно нашето искуство кое го имаме во вакви натпревари кога на противникот му паѓа концетрацијата и ние знаеме тоа да го искористиме, Борко ни даде ветар во грб, му честитам на Загреб, ова е натпревар за паметење“ – рече на прес конференцијата, Тимур Дибиров.

Се вчитува...