Последната финална пресметка што ја одиграа меѓу себе на Вардар му ја донесе втората европска титула, а на Веспрем ново разочарување на континенталната сцена. Беше тоа во јуни минатата година кога „црвено-црните“ од Скопје направија едно од поголемите чуда во ракометната континентална историја. И можеби не директно против Весппрем, повеќе против Барселона во полуфиналето, но унгарскиот тим во дуелот за торфејот, едноставно немаше шанса.
Во сосема поинакви услови, една година и неколку месеци подоцна, Веспрем е повторно на слични позиции, стабилен и финансиски и кадровски, со истиот предводник, екс-тренерот на Вардар, Давид Дејвис. Вардар е сосема поинаков, со двоцифрена бројка нови играчи, со друг тренер, но многу сличен по неколу работи. Инаетот, пркосот, карактерот. Голманот Борко Ристовски кој дојде по целиот турбулентен период се вклопи во инатливиот менталитет чиј дух го продолжија Дибиров, Чупиќ, Калараш, Дисингер.
„Одбраната ќе биде клучна. Одбраната и голманите. За Веспрем знаеме веќе се и сигурен сум дека детали ќе го решаваат натпреварот. Подоготвени сме најдобро што можеме и ќе видиме што ќе ни донесе тоа“ – рече пред натпреварот, Ловро Јотиќ.
Вардар и Веспрем заедно имаат седум од осумте титули во СЕХА Лигата. Вардар е најтрофееен во регионалното натпреварување, унгарскиот тим е со две титули. Последниот пораз на Вардар на Ф4 турнирите во СЕХА е токму од Веспрем во финалето во 2016 година. Потоа „црвено-црните“ врзаа неверојатна серија од 7-0 на завршните турнири во ова натпреварување и ги освоија титулите во 2017 (против Веспрем), 2018 и минатата година, двете против Загреб.
„Имам чувство дека на екипите овој турнир им служи за да ги придвижат работите во вистинската насока. Секако драго ми е што сме повторно на терен и што ракометот се врати. Тимот на Вардар претрпе големи промени во текот на летото. Верувам дека сме подготвени за нив на вистинскиот начин, видовме кои им се слабостите и добрите страни. Целта е добро да се браниме и потоа да бидеме брзи во транзицијата за да постигнуваме брзи голови“ – вели во пресрет на финалето, Мануел Штрлек.
Во увертира на дуелот за титулата, поразените од полуфиналните пресметки, Загреб и Мешков Брест ќе се соочат во дуел за утешното трето место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА