Вардар ја предаде круната од СЕХА-лигата на Веспрем откако „црвено-црните“ не успеаја да ја одбранат ланската титула во регионалното натпреварување, губејќи го финалето во Задар со резултат 35-27. Денешното финале беше дефинитивен доказ за „новата реалност“ за „црвено-црните“, тим што претрпе големи промени во текот на летово и што очигледно веќе не може да се носи со екипите од самата елита на европскиот ракомет како што тоа беше случај во претходните години.
Веспрем уште од самиот почеток наметна силно темпо што „вардарци“ не можеа да го следат. Унгарскиот гигант експресно поведе со 4-1, а Алушовски беше принуден во раната фаза од финалето да побара тајмаут. Следеа и неколку напади „седум на шест“, но откако и тоа не вроди со преголем плод Вардар се врати на вообичаените „шест на шест“ во своите напади. Веспрем имаше најубедливи 13-7 кога Алушовски го побара и вториот тајмаут, по што Вардар конечно доби на стабилност. „Црвено-црните“ беа и подобар ривал во завршницата, па на одмор заминаа со три гола негатива (15-12), не користејќи напад во последната минута од полувремето.
Валчак на самиот почеток од второто полувреме намали на 15-13, но тоа беше се што македонскиот првак успеа да стори во овој финале натпревар. На „вардарци“ не им помогна ниту далеку подоброто издание на голманот Ристовски (пет одбрани во првите десет минути од вториот дел), па по трите промашувања на Дибиров противникот повторно дојде на шест гола предност (23-17). Дибиров наместо вината да ја бара кај себе влезе во конфликт со ривалите и доби исклучување при резултат 25-18, па негативата на „црвено-црните“ експресно достигна и девет гола (28-19).
Трите гола во низа за 28-22 беше се што Вардар успеа да стори, Вспрем се консолдираше и рутински го приведе финалето до крај, за заслужен конечен триумф од 35-27.
Пивотите беа на висина на задачата во нападот, Калараш постигна шест, а Валчак четири погодоци за Вардар. Дејан Манасков постигна четири гола од четири обиди за Веспрем, одличен беше и голманот Коралес со 14 интервенции, а најефикасен кај новиот првак на СЕХА беше Петар Ненадиќ со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА