МЗТ може да слави: Приморска ги распушти кошаркарите

МЗТ Скопје е уште еден чекор поблиску до враќање во АБА1 лигата откако вечерва стигна уште една потврда за црно сценарио во Приморска – тотален финансиски колапс и распад на тимот што треба да игра во АБА-лигата, но со најновиот развој на настаните ќе му го препушти местото на актуелниот шампион на Македонија. Последните информации од Словенија говорат дека менаерот на тимот веќе им соопштил на оние мал број на играчи дека можат да си бараат нови клубови, ставајќи крај на голготата и надежта дека тимот на Приморска би можел да се спаси од пропаст.

Финансиските проблеми на Приморска траат уште од средина на ланската сезона, кога тимот го напуштија тренерот Големац и неколку клучни кошаркари. Управата амбициозно најавуваше спас повикувајќи се на инвеститори од Кина, но откако долговите уште повеќе се зголемија, а од новите газди нема ни трага ни глас стана јасно дека црното сценарио е неизбежно. Пред неколку дена беше откажано учеството во Супер-купот со образложение дека се нема доволен број на кошаркари, а и оние малкумина кои беа под договор со Приморска денеска добиле одврзани раце за да заминат во други клубови.

За очекување е во следните два-три дена Приморска и официјално да објави банкрот, по што МЗТ Скопје ќе го заземе местото на словенечкиот клуб во АБА1, како третопласирана екипа од ланската сезона во АБА2 (двете првопласирани, Борац Чачак и Сплит, влегоа во елитното друштво благодарение на ширењето на АБА1).

Се вчитува...