Абер од Словенија: Приморска најде нов спонзор во „пет до дванаесет“

МЗТ Скопје чека промоција во АБА1-лигата, но македонскиот првак би можел повторно да извиси по последните информации од Словенија кои говорат дека Приморска во последен момент нашла спонзор што ќе помогне овој тим да се спаси од пропаст. Раководството на словенечкиот клуб за почетокот на оваа седмица најави прес-конференција на која ќе го соопшти конечниот став за иднината, се очекуваше прогласување на банкрот, но според последните информации најден е спонзор буквално во „пет до дванаесет“.

Словенечките медиуми немаат детална информација за тоа кој е новиот спонзор што ќе го спаси клубот од Копер, но се тврди дека е договорен буџетот за наредната сезона, а Приморска во најскоро време ќе доведе неколку квалитетни засилувања и ќе почне со исплата на натрупаните долгови.

АБА1 се уште нема свикано собрание за да ја исклучи Приморска и местото на словенечкиот тим да го додели на МЗТ Скопје, па „металците“ многу лесно би можеле повторно да извисат за влез во елитното регионално кошаркарско натпреварување.

Се вчитува...