Новата сезона во ракометната Лига на Шампиони стартува денеска, а прв на програмата ќе биде токму дуелот на македонскиот првак Вардар, кој во Белорусија ќе му гостува на тимот на Мешков Брест. „Црвено-црните“ се учесници на последните три фаналфор турнири во Келн, но тимот претрпе сериозен ремонт во изминатиот период, па со самото тоа се спуштија и амбициите.
Новиот претседател Михајловски не крие дека негова желба е клубот да се пласира во втората фаза од ЛШ, но за тоа да се случи неопходно е старите „вардарци“ како Стоилов, Дибиров, Чупиќ… да ги пренесат победничките навики на оние кои летово пристигнаа во таборот на „црвено-црните“. Факт е дека Вардар играше под посакуваното ниво во подготвителниот период, губејќи два натпревари од Еурофарм Пелистер, но тренерот Алушовски и неговите избраници се свесни дека за ЛШ играта ќе мора да се крене на едно повисоко ниво.
„Натпреварот со Мешков е прв во низата од оние кои ни следуваат во Лигата на шампионите. Се она што досега го одработивме беше подготовка за овој дуел. Имавме големи проблеми на сите пријателски средби, па и на Ф4 турнирот во Задар, особено во играта во напад. Задоволен сум од она како се подготвуваме за овој меч. Мешков е наш стар познаник, долги години игра на Ф4 турнирите во СЕХА лигата и сериозен противник во ЛШ. Со доаѓањето на Скубе мислам дека добија квалитет плус. Тоа е сериозна екипа која игра на домашен терен и ја има благата фаворитска улога. Она што очекувам од нас е да го подигнеме нивото на играта во напад. Имавме можност да ги анализираме, да ги гледаме на Ф4 турнирот во Задар, и мислам дека подготвени ќе го дочекаме овој меч. Ќе дадеме максимум и ќе се обидеме да се вратиме со поволен резултат од Брест“ – вели Алушовски.
На спротивната страна, Брест Мешков и во новата сезона е предводен од шпанскиот стратег Раул Алонсо.
„Фајналфор турнирот од СЕХА беше добредојден за нас бидејќи имавме можност да одиграме квалитетни средби против екипи од Лигата на Шампионите. Одигравме одлично во одбраната и очекувам тоа да го повториме и против Вардар. Знаеме се за промените кај нашиот противник, но да не заборавиме дека тие се уште ги имаат Чупиќ, Дибиров, Стоилов… Овие момци знаат како да играат паметен ракомет, но ние мораме да останеме фокусирани и да ја играме нашата игра“, порача Алонсо во пресрет на денешниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА