Килијан Мбапе, без сомнение, следното лето заминува од ПСЖ иако има договор до јуни 2022 година. Најдобриот млад напаѓач на светот е огромна желба на Зинедин Зидан и Реал Мадрид кои, доколку не беше пандемијата на коронавирусот, ќе го донесеа уште ова лето.
Се чини дека не би требало да има пречка за трансферот на Мбапе од ПСЖ во Реал следната година и поради одличните односи меѓу двата клуба. Но, нештата последниот период се компликуваат, како што пренесува француски „Л’Екип“, поради харизматичниот Јирген Клоп.
Германецот, иако во неколку наврати истакна дека Ливерпул не може да си дозволи така скап фудбалер, сепак сака да го види Мбапе во своите редови. Па, последниот период е во засилен контакт со Мбапе, кој и онака трае последните четири години.
„Мбапе отсекогаш сакал да оди во Реал, но негова огромна желба е Премиерлигата. Поради фактот дека во минатото не наоѓал клуб каде се гледа во иднина, се откажал од Премиерлигата која според него е најатрактивното првенство во светот. Но, откако Клоп создаде од Ливерпул еден извонреден тим, сега Мбапе се повеќе им ‘намигнува’ на “црвените“. Младиот Французин сериозно размислува да се пресели во Премиерлигата“ – пишува „Л’Екип“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА