Металург се изнамачи со Криенс, ќе брани „плус два“ во Швајцарија

Металург по огромна битка триумфираше со 26-24 на дуелот против Криенс, прв меч од плејофот за влез во групната фаза од Лигата на Европа. Победата е многу потешка од очекувањата, но резултатот може да ги израдува „металурзите“ со оглед на фактот дека губеа со „минус два“ во значаен дел од второто полувреме. Искуството на Хорват и Тарабокија се покажа пресудно на овој натпревар, но јасно е дека македонскиот тим ќе мора да игра многу подобро на реваншот во Швајцарија ако сака да се пласира во групната фаза, нешто што беше потенцирано како главна цел на „металурзите“ во пресрет на оваа сезона.

Тарабокија го постигна првиот гол на натпреварот, но Криенс веднаш израмни со гол од брз центар. Тарабокија беше најрасположен на стртот на мечот, па бекот на Металург со четвртиот гол постигнат во 10. Минута донесе предност од два гола за македонскиот претставник (6-4). Гостите се вратија и израмнија на 9-9, резултат при кој тренерот Катратовиќ ја промени целокупната бековска линија, уфрлајќи ги Потиќ, Мариќ и Додиќ на местото на Серафимов, Тарабокија и на Рниќ.

Резултатот беше израмнет до 28. Минута (12-12), но Металург даде два гола во серија, по што со примен гол во самиот финиш од полувремето на одмор се замина со минимални 14-13 за македонскиот претставник. Вториот дел почна лошо за Металург, одбраната не функционираше, па за пет минути игра гостите поведоа со 15-16. Кастратовиќ со право беше незадоволен од играта на својот тим, па при негатива од 17-18 побара тајмаут. Сепак, веќе во следниот напад „металурзите“ имаа неуспешен обид за цепелин, по што Криенс за првпат на мечот поведе со два гола разлика (17-19).

Тарабокија со среќен гол со помош од блокот го запре налетот на гостите, но проблемите со нападот продолжија и уште повеќе се зголемија кога левото крило Поповиќ заработи незгодна повреда. Серијата слаби напади конечно беше прекината, Канкараш во 53. минута погоди за израмнување на 21-21, a Хорват во истата минута од контранапад му донесе водство на Металург. Во серија одбрани влезе и Дупјачанец, а кога Тарабокија погоди од полуконтра, гостинскиот тренер Перковац побара тајмаут при „минус два“ на неговиот тим.

Криенс ја консолидираше играта во напад по тајмаутот, а по промашениот зицер на Канкараш од шест метри, Дупјачанец на спротивната страна спречи израмнување во последната минута (25-24). Металург го имаше последниот напад, Кастратовиќ зеде тајмаут, а Серафимов одлично погоди од девет метри, за конечни „плус два“ (26-24) пред реваншот во Швајцарија.

Хорват и Тарабокија постигнаа по осум гола за Металург во овој неизвесен натпревар, по три посстигнаа Канкараш и Серафимов, додека најефикасен кај Криенс беше Папез со шест погодоци.

Реванш-натпреварот од овој двомеч се игра следниот вторник во Цирих, каде ќе биде одреден и патникот во групната фаза од Лигата на Европа.

Се вчитува...