Баерн Минхен подготвува големо изненадување на пазарот, откако Ханси Флик изразил желба на „Алијанц Арена“ да го врати Марио Геце. Поранешниот суперталент бележи огромен пад во кариерата, но Флик е убеден дека ќе успее да го врати Геце во посакуваниот ритам, како што впрочем тоа го стори со уште неколку фудбалери по своето доаѓање во Баерн.
Засега на оваа идеја на тренерот се спротивставуваат директорите Румениге и Салихамиџиќ, кои стравуваат од реакцијата на навивачите при еден ваков потег. Геце не ги оправда очекувањата по 37 милиони евра вредниот трансфер од Борусија Дортмунд, по што беше вратен назад во овој клуб за 15 милиони евра пониска отштета.
Сепак, од друга страна Геце има само 28 години, доволно време за да се врати во топ-форма, а згора на тоа е достапен без отштета, по истекот на неговиот договор со Борусија. Тој веќе имал телефонски разговор со Флик и изразил желба да се врати во Баерн, па сега останува само уште тренерот да ги убеди директорите на клубот да дадат зелено светло за овој гратис-трансфер.
По сето она што Флик го стори за толку кратко време во Баерн, за очекување е оваа желба да му биде исполнета.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА