Менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо вели дека неговиот тим е повеќе од подготвен за пресметката која го чека во Скопје против Шкендија во 3. коло од квалификациите за Лигата на Европа.
На прес-конференцијата во Лондон пред попладневниот лет за Македонија, Мурињо нагласи дека веќе знае со кој тим ќе игра против Шкендија за која добил повеќе од доволно информации.
„Да, добив информации за Шкендија од неколку различни страни од Македонија. Јасно е дека не може да ги потцениме. Овие натпревари на Балканот секогаш се тешки, тоа добро го видовме и во Бугарија. Но, ние сме подготвени од секаков аспект, веќе добро знам со која игра и тим ќе играме во Лигата на Европа во Скопје“ – истакна Мурињо.
Тотенхем во Скопје доаѓа предводен од бројните ѕвезди во тимот, Хари Кејн, Сон, Деле Али, Алдервирелд, Ламела, Сисоко, Моура, Ндомбеле…, но без двете најголеми засилувања Герет Бејл и Серхио Регулион кои пристигнаа од Реал Мадрид пред неколку дена, но не може да бидат во комбинација за утрешниот натпревар.
Натпреварот меѓу Шкендија и Тотенхем на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје се игра утре со почеток од 20 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА