Кире Лазаров и Нант во голем стил стигнаа до првата овосезонска победа во ЛШ, триумфирајќи на гостувањето против Кил со резултат 27-35. „Зебрите“ влегоа како огромни фаворити во овој натпревар, но францускиот тим одигра извонреден натпревар, максимално го искористи отсуството на Ландин од голот на германскиот првак и ја наполни мрежата на Кил.
Уште од самиот почеток стана јасно дека Нант ќе биде тимот што ќе го диктира темпото, гостите поведоа со 6-9, а ниту тајмаутот на Јиха не ги запре налетите на Лазаров и соиграчите. На полувреме се замина со резултат 12-15, за Нант фуриозно да тргне и во вториот дел, за на крајот заслужено да забележи убедлива победа. Македонскиот капитен немаше свој шутерски ден, постигна два гола од седум обиди, но најзабележливи во таборот на Нант беа Ривера со десет и Фигерас со шест погодоци.
Дејан Манасков и Веспрем рутински стигнаа до нов триумф, овојпат на домашен терен против Загреб со 37-25. Победникот беше решен уште во првото полувреме, во кое унгарскиот шампион поведе со 18-12, за двојно да ја зголеми предноста во преостанатите 30 минути од натпреварот. Манасков го одигра второто полувреме и постигна три гола од четири обиди, а најефикасен во таборот на Веспрем беше Јахија со шест, пред Ненадиќ со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА