Еден од најдобрите македонски автомобилисти, Виктор Давидовски по едногодишна пауза се врати на трките во ТЦР Евопа, и во овој настап на легендарната патека Монца го постигна својот досега најголем успех.
Поради дождливото време на тренинзите, македонскиот пилот со својот „хонда сивик“ немаше доволно време за местење на идеалниот сет-ап, а дополнително автомобилот доби 90 килограми тежински пенал (60 килограми според БОП-системот на организаторите, како и 30 килограми за неучество на претходната трка), па поради тоа освои 16. место на квалификациите. Сепак, во првата трка која се возеше во сабота попладне, Давидовски успеа да напредува дури шест места, со што се избори за пласман на 10 место.
По трката, стјуардите му доделија казна од 30 секунди на Сами Тафик, па така Давидовски беше унапреден на деветто место.
Истовремено, тој беше најдобро пласиран поединец од возачите кои се дел од „Јокохама“ купот, каде што се вреднуваат постигнувањата само оние кои не се дел од профи тимовите, поради што се најде на победничкиот пиедестал заедно со победникот Брише од Пежо, Лојд од Хонда и Берт од Ауди.
Утрешната трка е закажана за попладне во 13 часот на автодромот во Монца, а истата може да се следи преку официјалниот јутјуб-канал на ТЦР Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА