Елитното друштво од АБА-лигата ќе стартува следниот викенд според претходно утврдениот распоред за натпреварување, но според последните информации ќе дојде до коренити промени кога станува збор за АБА2, лига во која ќе учествуваат и два македонски претставници, МЗТ Скопје и Работнички. Имено, последните информации од Србија говорат дека АБА2 нема да се игра по вообичаениот терк дома-гости, туку ќе се организира „бабл“, затворен турнир во еден град во кој за краток период ќе бидат одиграни неколку кола.
Во прилог на овие најави оди и фактот дека лигата се уште нема направено ждрепка за натпреварувачкиот календар, иако според претходните најави сезоната требаше да стартува на почетокот од месец октомври. Според новите најави, АБА2 нема да се игра двокружно, екипите ќе одиграат само по еден меѓусебен дуел, а предвидените тринаесет кола ќе бидат одиграни во два „меури“. Првиот од нив ќе биде закажан за месец ноември, вториот најверојатно на самиот почеток од 2021 година, а големи се шансите еден од овие два турнири да се одигра во Скопје, со оглед на фактот дека македонскиот главен град има два претставници во натпреварувањето.
Според истите информации, по одигрувањето на двата турнири според изгледот на табелата ќе биде организиран плејоф, што исто така ќе се игра во „бабл“, закажан за месец март.
Покрај МЗТ Скопје и Работнички, дел од ова натпреварување во новата сезона ќе бидат Младост Земун, Слобода Ужице, Златибор, Горица, Хелиос, Ловќен, Подгорица, Широки Бријег, Слобода Тузла, Спарс, Сутјеска и Студентски Центар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА