Тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, има причина за задоволство откако го предводеше својот тим до место во групната фаза од Лигата на Европа. Двомечот со Криенс се покажа исклучително тежок, но Кастратовиќ и неговите избраници одолеаја на притисокот од противникот и во драматична завршница вечерва во Цирих и со минимален пораз се пласираа во групите од ЛЕ.
„Пред се би сакал да им честитам на сите ракометари за борбеноста, за покажаниот карактер. Честитки и до раководството на клубот, сите заедно работевме напорно за да ја исполниме оваа голема желба. Пласманот во групната фаза беше нешто што го зацртавме од првиот ден на подготовките, секако дека сме презадоволни што успеавме да го осигураме. Исто така, голема благодарност до македонските фанови од Швајцарија кои дојдоа во Цирих и ни дадоа поддршка во клучните моменти. Целта е исполнета, сега немам некои посебни желби во пресрет на ждрепката, но верувам дека ќе играме уште подобро бидејќи ќе играме растоварено, без дополнителен притисок што го носеше оваа борба за влез во групите од Лигата на Европа“, истакна Кастратовиќ за ЕКИПА.
Искусниот стручњак се осврна и на големата битка што се водеше на вечерашниот реванш.
„Можеби по мечот во Скопје онаа предност од два гола се чинеше минимална, но ете од сегашна перспектива, беше доволна за да се пласираме во групната фаза. Она што го планиравме, успеавме да го реализираме, да го намалиме интензитетот на трчање на противникот, да ја забавиме играта, а со самото тоа да имаме доволно свежина во играта во одбрана. Тоа беше пресуден фактор денеска, заедно со големата поддршка што ја имавме од голманот Дупјачанец. Доколку концентрацијата во нападот беше на повисоко ниво ќе се вратевме дома со победа, но тоа сега воопшто не е важно бидејќи го остваривме она што сите го посакувавме, го продолживме престојот во европските купови“, задоволен е тренерот на Металург.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА