Сметката блокирана: Како ќе продолжи АБА-лигата?

Само едно одиграно коло беше доволно за АБА-лигата да се соочи со сериозни проблеми за продолжување на сезоната, се појави првиот позитивен случај на Covid-19, но што е уште пострашно за челниците на АБА, блокирана е и сметката преку која се вршат сите плаќања во ова натпреварување.

Неколку српски медиуми објавија дека банката во која е депонирана сметката на АБА-лигата ја блокирала истата, како причина наведувајќи ги несредените правни акти во регионалното натпреварување. Препукувањата меѓу Партизан и Црвена Звезда придонесоа неколкуте седници на собранието на АБА да бидат предвреме прекинати, поради што не беа средени сите детали околу функционирањето на лигата. Банката токму поради тоа ја блокираше сметката, а со оглед на фактот дека преку таа сметка се покриваат сите трошоци во лигата, јасно е дека доколку не дојде експресно до деблокада лесно може да дојде и до застој во натпреварите.

Во меѓувреме, словенечките власти изрекоа самоизолација од десет дена за сите кошаркари на Цедевита Олимпија, по позитивниот тест на еден од играчите на словенечкиот АБА-лигаш. Олимпија поради ова службено ќе го загуби претстојниот натпревар од Еврокупот, а дополнително ќе биде решено дали таков епилог ќе има и следниот меч од АБА-лигатa, гостувањето против Приморска.

Се вчитува...