Естонија ќе биде домаќин на ноемврискиот „балон“ од групата Б од квалификациите за Евробаскет 2021, во кој ќе учествуваат уште и селекциите на Македонија, Италија и Русија.
ФИБА веќе објави дека ноемвриските квалификациски натпревари ќе се одиграат во „балон“ за да се минимизира ризикот од зараза за коронавирус, а во текот на денешниот ден и официјално ќе бидат објавени градовите домаќини на овие турнири. Одлуката кога станува збор за нашата група е веќе донесена, натпреварите ќе се играат во Талин, откако Естонците гарантирале дека може да бидат изреализирани сите безбедносни протоколи за непречено одржување на турнирот.
„Балонот“ од групата А, каде учествуваат Шпанија, Израел, Полска и Романија, ќе се одржи во Валенсија, Литванија ќе биде домаќин во Вилнус на селекциите на Данска, Белгија и Чешка, додека „балонот“ во групата Д ќе се оджи во Истанбул, каде силите ќе ги одмерат Турција, Хрватска, Шведска и Холандија.
Македонската кошаркарска репрезентација претрпе порази од Естонија и од Русија на стартот од овој квалификациски циклус. „Црвено-жолтите“ мораат да слават најмалку на еден од наредните два дуели во ноември (против Естонија и Италија) доколку сакаат да си ги задржат шансите за едно од првите три места во групата, кои носат билет за Евробаскет 2021.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА