Македонската репрезентација ремизираше (3-3) на гостувањето против Естонија во Талин во 3. коло од Ц лигата во Лигата на нациите. Македонија натпреварот го стартуваше во комбиниран состав без Муслиу, Адеми, Бејтулаи…, кои не отпатуваа во Талин, но и Пандев, Барди, Несторовски, Велковски кои останаа на клупата за резервни фудбалери, оние кои стартуваа се чини ја потценија Естонија па на крајот Зајков со својот деби гол во националниот дрес мораше да не спасува од пораз во 88. минута откако претходно избраниците на Игор Ангеловски имаа негатива и од 3-1.
Македонија поведе со 0-1 уште во 3. минута. Естонците си постигнаа повеќе од смешен, ретко виден, автогол. Дефанзивецот на домашните, Куск, немајќи воопшто претстава каде е неговиот голман врати топката назад од околу 20 метри затресувајќи ја сопствената мрежа.

Но, по еден убав контранапад, домашните во 33. минута успеаја преку Сапинен да израмнат за нерешено (1-1) на полувремето.
Во второто полувреме, Естонците доаѓаат до предност од 2-1 во 61. минута со вториот гол на Сапинен на натпреварот. По неколкуте обиди во мешаницата пред голот на Македонија, и првичната одбрана на Шишковски, одбиената топка доаѓа до Сапинен кој непречен од никого реализира за водство на домаќините.

Сето тоа го казни Естонија која поведе со 3-1 со гол од пенал во 76. минута на Ливак.
И, кога се чинеше дека Естонците ќе приредат изненадување, на сцена стапија измените во составот на Игор Ангеловски. Се разиграа Пандев, Барди, Несторовски во нападот…, па капитенот Пандев во 80. минута ја намали предноста на домашните.
И, конечно во 88. минута дефанзивецот Ѓоко Зајков со својот деби гол во националниот дрес по мешаницата пред голот на домашните донесе конечни 3-3 за да се избегне поразот на гостувањето во Талин.

ЛИГА НА НАЦИИ – Ц ЛИГА (3. коло)
ЕСТОНИЈА – МАКЕДОНИЈА 3-3 (1-1)
„Ле Кок арена“ во Талин. Гледачи: 500. Стрелци: Сапинен 33′, 61′, Ливак 76′ (Е); Куск 3′, (аг), Пандев 80′, Зајков 88′ (М).
ЕСТОНИЈА: Хеин, Тенисте, Баранов, Куск, Пик, Луц, Креида (60 Ливак), Кајт, Синјавски, Василјев, Сапинен
Селектор: Карел Волаид
МАКЕДОНИЈА: Шишковски, Ристовски, Зајков, К. Ристевски, Алиоски, Спировски, Николов (64′ Пандев), Хасани (46′ Барди), Костадинов (77′ Велкоски), Трајковски (77′ Стојановски), Тричковски (64′ Несторовски)
Селектор: Игор Ангеловски
ЛИГА НА НАЦИИ – Ц ЛИГА (3. коло)
Естонија – МАКЕДОНИЈА 3-3
Ерменија – Грузија 2-2
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

